Дуално образование во Витаминка

Првите ученици од средното општинско училиште „Ристе Ристески Ричко“ – Прилеп ќе започнат со практична настава во Витаминка како дел од програмата за дуално стручно образование. Наставата започнува со 5 ученици од втора година, запишани на насоката Техничар за индустриска мехатроника и ќе одвива еднаш неделно, кога учениците ќе имаат можност директно да се запознаат со организацијата, производните процеси и техничките аспекти на работењето на Витаминка со времетраење од 4 часа. Учениците ќе бидат под менторство на двајца вработени во Витаминка кои за оваа цел посетуваа Обука за обучувачи во компанијата Аda Internacional и се стекнаа со сертификат од Делегацијата на германското стопанство. Бројот на ментори ќе биде дополнително зголемен во наредниот период. Планот е, после завршувањето на вонредните околности, бројот на часови на практична обука во компанијата да расте, така што во понапредните образовни години да достигне до 16 часа на неделно ниво. На истата програма – техничар за индустриска мехатроника, веќе во прва година е запишана и нова група ученици, кои по истиот принцип, со почеток од втората година, ќе започнат да доаѓаат на практична обука во „Витаминка“ АД.

Во текот на практичната настава, на петте ученици детално ќе им бидат објаснети, процесот на производство, хиерархискиот распоред, редот и дисциплината во рамките на фабриката, а исто така, уште на самиот старт, ќе се организира и обука за безбедност и здравје при работа. Идејата на оваа програма е со ангажманот во рамките на фабриката, учениците да се стекнат со практични вештини уште за време на нивното формално образование, подобро да ја разберат струката која ја избрале и да се подготват за пазарот на трудот веднаш по завршувањето на образованието.

Проектот дуално образование кој се спроведува во „Витаминка“ е според германски модел, а има за цел да ù помогне на македонската економија преку пренесување позитивни искуства од германските компании. Координатор на проектот е Делегацијата на  германското стопанство во Македонија. Суштината на овој систем е комбинирање на содржините кои се предаваат на училиште со практична обука во компанија.  Со тоа на компаниите им се овозможува да вработат квалификувани работници со соодветни вештини, а учениците се обучувани од сертифицирани ментори од компаниите во простории за обуки каде се симулираат вистински работни околности. На овој начин младите се стекнуваат со практични знаења, работно искуство и на крајот со завршување на програмата и диплома за завршено средно стручно образование и сертификат од Делегацијата на германското стопанство во Македонија.

Заради успешноста на системот на дуално образование во Германија, искуството на тамошните компании е пренесено и кај нас и сè поголем е бројот на стопански субјекти што се вклучуваат во оваа програма.

На денешната средба, меѓу другото, учениците го посетија погонот за производство на Флипс каде се запознаа со основите на функционирањето на овој производен погон. 

Дуално образование во Витаминка