Хронологија на преземените активности во „Витаминка“ АД за заштита од Covid-19

Заради новонастанатата состојба со присуство на COVID-19 („Корона вирус“) во „Витаминка“ АД ургентно беа преземени и во тек се преземаат повеќе мерки и активности, водени од тоа дека здравјето и безбедноста на нашите вработени, производи и потрошувачи е наш најголем приоритет.

Секојдневни активности и мерки:

  • Секојдневна дезинфекција на просториите во фабриките и управните згради од страна на посебна служба за хигиена
  • Дезинфекција на сите возила при влез во Фабрика 1, 2 и 3
  • Задолжително анкетирање на сите надворешни лица при влез во Фабрика 1, 2 и 3

Септември:

  • Заради појавен нов случај на позитивна вработена со корона вирус на ден 17.09.2020 во Фабрика 2 (РЕ Снекс производи), на 18.09.2020, во текот на денот, со почеток од 8.30 часот, ќе се спроведе скрининг за сите вработени во оваа РЕ преку овластената лабораторија Авицена. Во наредните три денови нема да се работи во наведената РЕ.
  • Заради фактот што на ден 17.09.2020 еден наш вработен од котлара во Фабрика-3 во Штип е позитивен на Ковид-19, во согласност со процедурите се врши дезинфекција на просториите во тој дел (во согласност со протоколите и проценката на стручните лица). Се идентификуваат можните контакти и со истите ќе биде постапено согласно утврдената интерна процедура во друштвото.
  • Заради појавен случај на ново позитивно лице од ковид-19 (вработено во еден од погоните во Фабрика 2), на ден 12.09.2020 година беше донесена интерна одлука за времено отстранување од работа (до 21.09.2020 година) на сите лица кои работеле во смената со ова лице. Одделот за човечки ресурси активно и на дневна основа ќе ја следи состојбата на вработените и врз таа основа ќе се предлагаат и донесуваат дополнителни мерки. Согласно интерните процедури, на ден 13.09.2020 година беше извршена целосна дезинфекција на просториите во кои работело лицето, како и на работничката менза. Дезинфекцијата ја спроведоа стручни лица од „Приматекс“ Скопје. Преземените активности се од превентивна природа и во насока на обезбедување на колективното здравје и безбедност во компанијата.

Јули и август:

  • Издаден е Налог за преземање на мерки и активности за здравјето и безбедноста на вработените
  • Спроведена е посебна Изјава за заштита од КОВИД 19 и истата е потпишана од страна на сите вработени
  • На 10.07.2020 година и 30.07.2020 година направена е целосна дезинфекција во фабрика 3 (Управна града, рафинерија, магацини, линија, пречистителна станица, ресторан и менза) од страна на Приматекс ДООЕЛ
  • На ден 30.07.2020 година, извршен е скрининг на сите вработени во Фабрика 3 Штип (63 вработени), Обезбедување ФБИ-Џ (4 вработени), како и на вработените во ресторан ДОН Владо (4 вработени), од страна на надворешна овластена лабораторија  ПЦУ Авицена. Од извршениот скрининг само кај едно лице беше утврден позитивен тест на КОВИД 19 и беа спроведени сите потребни мерки и активности.

Јуни:

  • На ден 13.06.2020 година беше извршена комплетна дезинфекција на работничката менза во Фабрика 1.
  • На ден 12.06.2020 година беше извршен скрининг со надворешна овластена лабораторија на 62 вработени во Витаминка, а заради појавен позитивен случај кај вработена. Сите тестови беа негативни и вработените продолжија со редовна работа на 15.06.2020 година.

Мај:

  • На 22.05.2020 година во определена просторија во Фабрика 2, хала 1, извршено е тестирање/скрининг на 100 вработени во неколку погони во Фабрика 2. Тестирањето е иницирано после појавениот позитивен случај на вработен. Скринингот го спроведе Биотек од Скопје. Цената на еден тест изнесува 3.160,00 денари и во целост е покриена од Витаминка. Тестовите се високо сензитивни. Вработените опфатени со тестирањето носеа заштитни маски и држеа дистанца на утврденото место. Сите тестирани вработени имаат негативни резултати.
  • На ден 20.05.2020 година беше донесена одлука истиот ден да биде неработен ден за вработените во неколку погони заради вршење тотална дезинфекција со надворешна служба како превентива по појавен позитивен случај кај вработено лице.
  • Од 11.05.2020 г. Витаминка започнува со тросменско работење во фабрика 1 и фабрика 2.
  • Од 04.05.2020 г. Витаминка започна со двосменско работење во два од своите погони во фабрика 1: Цевитана и Пудинзи. Ваквото работење се одвива од понеделник до петок.

Април:

  • Следејќи ги препораките на Владата за ограничено движење на граѓаните и редукција на вработените, од 21.04.2020 г. Витаминка воведе едносменско работење во своите погони во фабриките 1, 2 и 3 и тоа од 06-15 часот. Ваквиот начин на работа ќе се одвива до 07.05.2020 г.
  • Витаминка ги награди своите вработени во Производство, Логистика и Транспорт за посебно залагање во кризен период со 10% од основната плата, со исплатата на платата за месец март 2020 година.
  • На ден 14.04.2020 година П.И.„Витаминка“ АД Прилеп донесе одлука за организирање на работата во сите производни погони во една смена, почнувајќи од 21.04.2020 година до 07.05.2020 година. Целта е редуцирање на бројот на вработени заради превенирање на можно ширење на заразата. На овој начин поголемиот број од вработените, односно оние што нема да работат по распоред во дадената недела-две, се упатуваат да користат годишен одмор и да се подложат на самоизолација.
  • На 13.04.2020 година во 12:30 часот беше направена дезинфекција во административните згради, при што сите вработени ги напуштија работните простории.
  • На 13.04.2020 година во прва смена беше направена дезинфекција на сите производствени погони во фабрика 1, а работата започна со втора смена.
  • На 10.04.2020 година беше направена тотална дезинфекција во Фабрика 2 на сите магацини, производствени погони, помошни простории, менза и канцеларии. Фабрика 2 почна со работа во понеделник 13.04.2020г со прва смена.
  • На 07.04.2020 година, Витаминка донесе одлука за утврдување на привремен распоред на работно време во фабрика 1 и фабрика 2, со почеток од 08.04.2020 г. се до завршување на вонредната состојба. Работењето се организира само во работните денови од понеделник до петок. Деновите од викендот нема да се работат.
  • На 06.04.2020 година е направена дезинфекција на административните згради во фабрика 1. Со работа се продолжува на 07.04.2020 година.
  • На 06.04.2020 наутро е направена дезинфекција на фабрика 1 и со работа се започна истиот ден со втора смена.
  • На 03.04.2020 г. беше извршена дезинфекција на сите погони, гардеробери и тоалети во фабрика 2. Објектот започна со работа со прва смена на 06.04.2020 година.
  • Со почеток од 03.04.2020 година за сите вработени во производство наложено е користење на заштитни визири покрај постоечката заштитна опрема.
  • Во периодот од 03.04.-05.04.2020 година донесена е интерна одлука за забрана за работа на Фабрика 1 и Фабрика 2 (72 часа) заради спроведување превентивна тотална дезинфекција со надворешно овластено лице „Приматекс“.
  • На ден 02.04.2020 година беше донесена одлука за ставање во самоизолација на сите вработени од погонот за Зачини во Фабрика 2, а заради превентива од појавен позитивен случај кај вработено лице, но кое сепак отсуствувало повеќе од една недела од работното место. Контактирани се здравствените власти и во целост е постапено по сите нивни препораки. Преземени се и многу поголеми мерки од тие што се наложени со протоколите.
  • На 01.04.2020 година, беа изготвени и доставени до Стопанската комора на Македонија предлог мерки и активности за помагање на стопанството во вакви кризни услови на работа;

Март:

  • На ден 30.03.2020 година донесена е одлука за помасовно користење годишни одмори за вработените во производните погони во наредниот период, а согласно утврден план. Целта е редуцирање на бројот на луѓе и намалување на можноста за зараза.
  • На 25.03.2020 година за сите вработени во производството беше проследена на потпис изјава дека се запознаени со преземените мерки и активности за Ковид-19 и дека им се обезбедени потребните средства за заштита, а заради зголемување на свеста кај самите вработени за оваа појава.
  • На 23.03.2020 година врвниот менаџмент до секторските раководители препорача воведување практика на работа од дома, таму каде што е применливо, а во функција на редуцирање на бројот на вработени на работните места и намалување на опасноста од зараза. Паралелно беше издадено и упатство за начинот на работа од дома.
  • На 22.03.2020 година беше формирана Viber група (именувана како Vitaminka INFO Covid-19) во која учествуваат 94 вработени (раководни лица, административни работници и други лица кои имаат службени телефони), за брзо информирање за сите состојби на овој план и на истата постојано се споделуваат различни информации.
  • На 19.03.2020 година, беа изготвени и доставени до Стопанската комора на Македонија предлог мерки и активности за помагање на стопанството во вакви кризни услови на работа;
  • На 18.03.2020 година до сите членови на Оперативниот тим беше доставена информација за правното значење на вонредната состојба.
  • На 17.03.2020 година, преку истакнати писмени соопштенија во сите погони, повторно се потенцира обврската за максимално доследно носење на работната и заштитната облека, обувки и опрема во погоните и на другите места каде што таква е пропишана или дополнително определена, а согласно со интерните акти на друштвото.
  • На 17.03.2020 година сите вработени беа известени со писмено соопштение на огласните табли за начинот на електронска или телефонска комуникација со административните служби за секаква потреба (лична или службена).
  • Со почеток од 17.03.2020 година за сите надворешни лица преку службата за обезбедување се спроведува анкета и се мери термпература со новонабавени далечински топломери. Доколку од анкетата и од топломерот се појават резултати кои можат да укажуваат на болест, се забранува посетата на лицата. Сите надворешни лица при влез добиваат и информативни флаери изработени од страна на службата за обезбедување квалитет на „Витаминка“ АД.
  • Од 17.03.2020 година во соработка со надворешна служба, покрај постоечките мерки и активности, се организираше дополнителна зајакната дезинфекција на сите тоалети, ходници, скали, соблекувални, канцеларии и сл. во фабриката (секој нејзин дел), сé додека траат вонредните околности. Дезинфекцијата се спроведува два пати во денот (наутро и попладне). Дезинфекција на сите производни простории и помошните простории во овој дел, се врши 3-4 пати на ден од страна на Техничкиот сектор и секторот за Контрола на квалитет.
  • Со почеток од 16.03.2020 година организирано е делење на храната во работничките мензи во поголеми временски интервали и специјална организација по организациони единици, но и со редуцирање на бројот на лица по маси и ставање во функција дополнителен простор за оваа намена.
  • На 16.03.2020 година, се одржа состанок на Оперативниот тим заради утврдување дополнителни мерки и активности за зголемена заштита од Ковид-19. Врз основа на заклучоците од тој состанок беа изработени и дистрибуирани работни упатства за одржување хигиена на возила сопственост на „Витаминка“ и работно упатство за дезинфекција на надворешни возила во врска со корона вирусот. Со претходното, на сите влезови/излези од фабриката се започна со вршење дезинфекција на возила со специјални средства за таа намена. Дезинфекцијата ја вршат специјално одредени вработени со помош на службата за обезбедување, а за тоа беше проследена информација и до добавувачи, купувачи и други лица.
  • На 16.03.2020 година ставени се во функција зголемен број дезобариери при влез во фабриката, погоните и управните згради.
  • Од страна на службите тековно се следи состојбата со неопходните (проценетите) потребни залихи со заштитни средства и средства за дезинфекција и согласно потребите се врши навремено дополнување.
  • Со почеток од 13.03.2020 година забранети се сите посети на вработени во административните служби, со исклучок на ургентните потреби и се издадени препораки за електронска и телефонска комуникација и координација.
  • За сите преземени мерки и активности по писмен пат (на 13.03.2020 година) беа информирани службите за обезбедување, лицата што вршат достава и послужување на храна, надворешниот партнер што врши превоз на вработени и службата за одржување хигиена.
  • На 13.03.2020 година, следејќи ги препораките на државните органи и препораките на Светската здравствена организација, Витаминка на цел стручен колегиум (педесетина лица) има наложи во наредниот период максимално да ги редуцираат посетите од надворешни лица (без разлика од каде доаѓаат и во колкав број). Доколку одредена посета е итна и неодложна, средбите да се реализираат на фабричка капија или преку Skype конференција или на трет погоден начин. Притоа, уште еднаш се укажа на обврската за максимално доследно почитување на веќе дистрибуираните препораки за постапување во услови на корона вирус, одржување високо ниво на хигиена, избегнување на ризично однесување и блиски контакти со лица кои доаѓаат и/или на било каков начин се поврзани со земји со ризик. Паралелно се откажаа/одложија сите службени патувања на вработени од „Витаминка“ АД во странство и се забранија посетите на странци во „Витаминка“, со исклучок на возачи кои дистрибуираат стоки (согласно државните политики во оваа сфера). Се ограничија сите интерни состаноци, обуки и собири во поголем формат и се препорача on-line комуникација, како внатрешно, така и надворешно. Максимално се редуцираа посетите на надворешни лица и возила (од државава) на „Витаминка“ и вообичаените контакти се реализираат преку фабричките капии по запазена процедура.
  • На 13.03.2020 година, до сите раководни лица во „Витаминка“ и до раководните лица во производните погони, по електронски пат беше проследено Упатство за правилна домашна самоизолација во врска со Ковид-19;
  • На 12.03.2020 година беа изготвени и доставени до Стопанската комора на Македонија предлог мерки и активности за помагање на стопанството во вакви кризни услови на работа;
  • На 12.03.2020 година, беше спроведена анкета за здравствената состојба на сите вработени, патувања во средно и високо ризични подрачја зафатени со вирусот и контакт со лица од таквите подрачја, па врз основа на таквата анкета превентивно беа преземени мерки за отстранување од работа (почитување на период за самоизолација) на неколку лица (кои во секој случај немаа никакви симптоми, ниту лично, ниту во семејството). Забраната за доаѓање на работа важи за сите лица и понатаму (до промена на состојбите во позитивен правец), кои на било каков начин, директно или индиректно, биле во контакт со заразено лице или со лице кое престојувало во регион со ризик или самите престојувале во таков регион.
  • На 11.03.2020 година, беше воведена забрана за прием на надворешни лица (вработени кај добавувачи, купувачи и сл.) во работничките мензи. Оваа забрана истовремено беше и барање до вработените на „Витаминка“ во фабричката менза, но и до ангажираните партнери за кетеринг услуги, да обезбедат највисоки стандарди во поглед на тоа сите лица да бидат целосно заштитени со ракавици и заштитни маски и да се одржува максимално високо ниво на хигиенските стандарди. Најстрого се забрани ангажман за делење храна на лице кое има било каков симптом кој може да укажува на присуство на вирусот или на било кој начин дошол во контакт со такво лице и/или престојувал во некој ризичен регион.
  • Со почеток од 10.03.2020 година, согласно препораките на Владата, беше донесено Упатство за постапување. Согласно ова Упатство, вработените со деца до 10 годишна возраст, доколку имаат потреба да отсуствуваат од работно место, по доставена целосна документација (потврда дека детето оди во градинка или училиште, потврда од работодавачот на другиот брачен партнер дека тоа лице не може да отсуствува од работа во наведениот период и специјална изјава), се ослободуваат од работа. Препораките се во насока на тоа, доколку е возможно, лицата да можат да се заменуваат со отсуствата со другиот брачен другар (на неделно или дневно ниво заради намалување на загубите). „Витаминка“ АД го задржува правото да воспостави и друга организација на работното време, а заради излегување пресрет на барањата на вработените. Вработените пак, преземаат обврска, да дадат вистинити податоци за состојбите, како и обврска да излезат во пресрет на барањата на компанијата за реализација на одредени итни работи. Од работа се ослободени бремените работнички и вработени со потврдени хронични болести (за двете групи работници, на база на основна медицинска документација). Целта е во целост да се исполнат препораките на државните органи во овој дел и да се излезе во пресрет на вработените, но од друга страна и да не се причини штета врз работните процеси. По овој основ континуирано во наредните денови беа ослободени поголем број вработени (кој на 02.04.2020 година изнесува 68 лица).
  • На 10.03.2020 година беа поставени посебни дезинфекциони средства (Ecosal forte или Алкохол 70%) на сите влезови/излези во фабриките (1, 2 и 3), но во сите санитарни јазли, како и административни простории;
  • На 10.03.2020 година до сите раководни лица во Техничкиот сектор и секторот за Контрола на квалитет, но и до Координаторот за квалитет, беше издаден Налог со прецизни упатства како да се постапува во услови на епидемија со Ковид-19.
  • Во првите денови од месец март 2020 година се пристапи кон едукација на вработените за максимално доследна примена на потребни хигиенски навики, а со цел намалување на ризиците од појава на COVID-19. Во таа смисла, во сите погони и влезови во фабриката, но и на други видни места, беа истакнати информативни табли со важни информации за превенција од ширење на болеста.

Февруари

  • На 27.02.2020 година, врз основа на сознанијата за состојбите во Светот, на сите огласни табли во сите деловни единици на друштвото, беше објавена информација со најдобри практики препорачани од СЗО со наслов: „Како да го намалиме ризикот од заразни болести, вклучително корона вирус?“ Покрај тоа, оваа информација беше испратена по електронски пат од страна на службата за човечки ресурси, до сите вработени кои имаат пријавено e-mail адреса за добивање информативни содржини;

Ова се само дел од мерките и активностите што од страна на „Витаминка“ АД Прилеп се преземени во период од неколку денови, сметано од датумот на издавањето на препораките од државните органи, но и на база на претходните сознанија. Ситуацијата активно се следи и по потреба ќе се воведуваат нови или менуваат/дополнуваат преземените мерки и активности. Најважно е нашите вработени, односно сите ние, да се однесуваме максимално сериозно и совесно во оваа стуација и целосно, максимално доследно, да се придржуваме до сé она што е утврдено и се бара за заштита од вирусот, сé додека има околности кои упатуваат на таков начин на постапување и контрола.

П.И.„Витаминка“ АД Прилеп