Витаминка ќе стипендира студенти на Машински и на Факултетот за електротехника и информациски технологии

Витаминка ќе додели 4 целосни стипендии за додипломски студии за академската 2019/2020 година. Стипендиите ќе се доделат по две на Машинскиот факултет во Скопје, и тоа во некоја од насоките производно инженерство; материјали, процеси и иновации; индустриско инженерство и менаџмент; мехатроника; автоматизација и управувачки системи. Другите две стипендии ќе бидат за кандидатите на Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје, односно некоја од насоките електроенергетика, автоматизација и обновливи извори на енергија; електроенергетика, управување и менаџмент.

Со доделувањето стипендии Витаминка има за цел да ги поттикне младите да го изградат својот професионален профил во некоја од техничките насоки и ги повикуваат да се пријават на конкурсот.

„Доделувањето стипендии е во склоп со нашата корпоративна одговорност и со компаниската филозофија за значењето на стручното високо образование како и константната потреба од вакви кадри за производните процеси. Токму затоа, стипендиите се лоцирани во машинските и електротехнички насоки, каде што веруваме дека има големи капацитети и уште поголеми потреби, а сето тоа отвора и многу можности за образованите академски граѓани да станат професионалци“, велат од компанијата.

Кандидатите треба да ги исполнуваат критериумите од конкурсот, да покажат желба и амбиција за образување во овие области. Студентите кои ќе ги добијат стипендиите ќе бидат обврзани за редовно студирање и запишување на семестрите како и на задолжителна феријална пракса во Витаминка, во текот на летниот период во траење од најмалку 30 (триесет) дена.

Стипендиите се наменети за студенти запишани во прва година на студии (од академската 2019/2020 година). Изборот ќе се изврши според критериумот на постигнат успех во средното образование, а доколку тоа не е возможно според критериумот на првенство во пријавувањето, а до пополнување на утврдениот број. Доколку не биде достигнат потребниот број, „Витаминка“ АД го задржува правото да го прошири изборот и со студенти од повисоките студиски години и/или да го пролонгира за наредната академска година.

Стипендијата ќе изнесува 6.000,00 денари нето на месечно ниво и ќе се исплаќа 12 месеци во годината, сметано до последниот редовен VIII (осми) семестар на додипломските студии за студентот.

Заради обезбедување на потребни учебни помагала, на секој студент/стипендист, ќе му се исплаќа и еднократен надоместок од 9.000,00 денари најдоцна до 15.10. во секоја академаска година за време на редовното студирање.

Заради регулирање на правата и обврските помеѓу друштвото и стипендистот ќе се склучува писмен договор за стипендирање.

Студентот ќе се обврзе на задолжителна феријална пракса (во летниот период) во траење од најмалку 30 (триесет) дена. Ваквата пракса ќе се одвива во просториите на друштвото.

Условите за губење на правото на стипендија да бидат уредени со посебен договор кој во името на друштвото со студентот ќе го потпишува овластеното лице.

Друштвото не презема обврска за задолжително вработување на стипендистите по завршувањето на додипломските студии.

Сите заинтересирани кандидати за стипендија можат да аплицираат со поднесување документи до правната служба на „Витаминка“ АД, ул. Леце Котески бр. 23, 7500 Прилеп, најдоцна до 30.09.2019 година (по завршувањето на трите уписни рокови). Повеќе информации на тел: +389 48 407 458.

Потребната документација е следна:

  • Уредно пополнета МОЛБА / АПЛИКАЦИЈА;
  • Копие од лична карта со потпишана Изјава за дозвола за користење на податоците;
  • Копие од диплома за завршено средно образование;
  • Копие од индекс за запишан факултет со студиска насока (прва страна и страна каде што е ставен печат за заверен семестар);
  • CV (по желба).

Преземи МОЛБА/АПЛИКАЦИЈА за доделување стипендија

Преземи ИЗЈАВА